Градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон смета дека на Велика Британија може да и биде подобро, доколку излезе од Европска унија, отколку да остане во неа.
-Кога ќе погледнете колку чини социјалната политика на ЕУ, ќе видите стагнација на европската економија или продолжение на апсурдни прописи од Брисел. Јасно е дека се движиме кон момент кога ќе биде подобро да се излезе од ваквата нереформирана ЕУ-вели тој.
Овие коментари на Џонсон се пред објавувањето на извештај, кој ќе покаже дека економијата на Лондон не би претрпела значајни последици, во случај на излез на Британија од ЕУ.
Се очекува тој на претставувањето на извештајот да предложи план од осум точки за реформа на ЕУ, кој би требало да биде целосноопфатен и темелен, за разлика од оној што со новите преговори со ЕУ се обидува да го направи актуелниот британски премиер Дејвид Камерон.
Градоначалникот на Лондон, смета дека Камерон мора да биде храбар, доколку сака подобри услови за Британците во ЕУ и дека не треба да стравува и да каже дека Британија е подготвена за излез, доколку не добие задоволителен договор.
Е. Г.