Данската премиерка Мете Фредериксен и нејзината центристичка коалиција денеска повикаа на укинување на пролетниот државен празник, што наиде на остри критики од опозицијата, синдикатите, бискупите во земјата, па дури и членовите на нејзината партија.
Владата сака да укине еден од вкупно 11-те државни празници што се паѓа во четвртиот петок по Велигден и е познат како Store Bededag или Големиот ден на молитвата.
Во предлог-законот презентиран во парламентот денеска се наведува дека заштедените пари ќе бидат искористени за зголемување на финансирањето на одбраната, а официјалната проценка е дека тоа ќе го зајакне структурниот јавен биланс за околу три милијарди круни (439 милиони долари).
Владата на социјалдемократите, централно-десничарските либерали и умерените, која е на власт од 15 декември, има за цел да се усогласи со целта на НАТО од два отсто од БДП да бидат распределени во воениот буџет до 2030 година, делумно како одговор на руската инвазија на Украина.
Мешутоа, предлогот за укинување на празникот предизвика остра реакција низ Данска, земја со речиси шест милиони жители каде што повеќе од 73 отсто од населението припаѓа на Државната лутеранска црква, иако само помалку од три отсто од верниците редовно присуствуваат на литургиите во црква.
Синдикатите, традиционално блиски до социјалдемократите на премиерката Фредирексен, покренаа онлајн петиција и собраа повеќе од 405.000 потписи за „да испратат јасен сигнал до владата да се откаже од плановите за откажување на одморот“.
Десет дански лутерански бискупи зборуваа за „прекршување на довербата“, кажувајќи дека не биле ни консултирани пред потегот.
Лидерот на централно-десничарските конзервативци, Серен Папе Пулсен, изјави дека е важно да се заштитат културата, историјата и вредностите и корените на кои се темели општеството и укинувањето на празникот го нарече „грешка“.
Извор: МИА