Француската полиција спроведе голема операција насочена кон пет лица осомничени дека припаѓаат на „ултрадесничарското движење“ во Алзас, при што беа запленети муниција и оружје, јави дописникот на МИА од Париз.
Оваа операција е „изведена истовремено на неколку места лоцирани во Долна Рајна и во Горна Рајна“, посочи префектурата, потврдувајќи ги информациите од регионалниот дневен весник Најнови вести од Алзас (ДНА). Кај вкупно пет лица, четворица во Горна Рајна и едно во Долна Рајна, биле запленети шаржери и автоматски пушки. Ниту префектурата ниту судскиот извор не прецизираа дали имало апсења.
„Овие проверки и оваа акција се однесуваат на набавка и нелегално поседување оружје од поединци поврзани со движењето на ултрадесничарите“, посочија од префектурата. Запленети се и телефони кои ќе се користат за да се утврди дали е планирано можно дејствување, изјави извор запознаен со случајот.
Операцијата мобилизира 200 жандарми од групите Долна и Горна Рајна и истражувачкиот дел во Стразбур, поддржани од интервентната група на националната жандармерија (ГИГН) и помогнати од специјализирани истражувачки ресурси. Овие „административни посети“, предводени од париски судија, според префектурата, се „во врска со Националното антитерористичко обвинителство“. Според изворот запознаен со случајот, тие биле иницирани од Генералниот директорат за внатрешна безбедност (ДГСИ) како последица на разузнавачка работа.
Извор: МИА