Неколку лица се уапсени во Бугарија, Србија и Кипар поради измама со криптовалути, соопшти денеска Европол.
Укинати се и центрите за повици за продажба на лажни криптовалути, кои ги мамеле германските жртви да инвестираат повеќе од два милиони евра во веб-страници за лажни крипто-инвестиции, се вели во извештајот.
Полициските и судските власти од Бугарија, Кипар, Германија и Србија, со поддршка на Европол и Европравда, спроведоа заедничка операција против организираните криминални групи вклучени во онлајн инвестициска измама.
„Во рамки на акцијата во Србија во средата беа уапсени 14 лица, додека 214 сослушани очекуваат кривично гонење. Претресени се 22 локации (пет во Бугарија, две во Кипар, три во Германија и 214 во Србија), вклучително и четири кол центри и 11 резиденции во Србија“, се вели во соопштението и се додава дека се одземени вкупно три хардверски паричници со околу 1 милион долари криптовалути и околу 50.000 евра готовина, три возила и електронска опрема.
Осомничените користеле реклами на социјалните мрежи за да ги намамат жртвите на веб-страници тајно управувани од криминалци, кои нуделе навидум исклучителни можности за инвестирање во криптовалути, се вели во соопштението.
„Жртвите, главно од Германија, прво инвестирале ниски, трицифрени суми. Лажните зголемувања на цените довеле до наводни профити, а потоа ги убедиле да вршат трансфери на поголеми суми“, се вели во соопштението.