Кина дошла во посед на чувствителни компоненти од американскиот стелт-ловец F-35, откако пратка на компанијата UPS, која од Австралија патувала кон САД, неочекувано била пренасочена кон Хонгконг, објави „Блумберг“.
Пратката, според информациите, содржела капак од кабината и капак од предниот дел на австралиски F-35. Компонентите кон крајот на мај биле испратени во САД за преглед и евентуална поправка или отпишување.
Двата делови содржат материјал што ги апсорбира радарските бранови, што е еден од клучните елементи на технологијата за намалена забележливост на F-35.
Пратката на патот за САД застанала во Јужна Кореја, по што била пренасочена кон Хонгконг. До денес компонентите не му биле вратени на Пентагон.
Сè уште не е разјаснето дали пренасочувањето било резултат на транспортна грешка или било намерно. Сепак, извори за „Блумберг“ го поврзуваат случајот со можноста за активност на кинеските разузнавачки служби.
Канцеларијата на Пентагон задолжена за програмата F-35 потврди дека дошло до проблем со испораката на компонентите, кои не се оперативни, и дека соработува со американските власти и индустриските партнери за нивно пронаоѓање, истрага на случајот и спречување на сличен инцидент.
Австралискиот министер за одбрана Ричард Марлс изјави дека Канбера е запознаена со случајот и дека соработува со САД и „Локид Мартин“. Тој додаде дека, според неговите информации, инцидентот не ги опфаќа чувствителните делови на авионот.
Иако производителот на F-35, „Локид Мартин“, ги опишал исчезнатите компоненти како неоперативни и оценил дека ризикот од нивна злоупотреба е мал, соговорници на „Блумберг“ имаат различни ставови за нивната вредност.
Според нив, дури и физичкиот пристап до стелт-технологијата може да овозможи нејзино детално проучување, проверка на претходно собрани информации и подобрување на системите за откривање на F-35.
Програмата F-35 со години е предмет на интерес на кинеските разузнавачки служби. Материјалот што ги апсорбира радарските бранови не го сочинува целиот систем за стелт-технологија на авионот, но станува збор за технологија што треба да остане во рамките на сојузничките земји и која е важен дел од карактеристиките на ловецот од петтата генерација.
Според грчкиот портал „Пронењуз“, Кина не е толку заинтересирана за електронските системи на F-35, бидејќи има сопствени способности за развој на слични технологии, туку особено ја интересира начинот на кој американските авиони постигнуваат толку ниска забележливост.
За случајот бил информиран и американскиот Конгрес уште во јуни, а два одбори на Претставничкиот дом во моментов го истражуваат инцидентот.
