Голем број странски државјани се убиени во нападите во петокот вечерта во Париз, во кои според досегашниот биланс загинаа 129 лица , 352 се повредени од кои 99 се наоѓаат во критична состојба.
Меѓу загинатите се:
– Најмалку двајца белгиски државјани, според Министерството за надворешни работи на Белгија.
– Дваесет и девет годишниот Шпанец, Алберто Гонзалес Гаридо, според шпанските власти. Младиот Шпанец беше меѓу присутните, заедно со неговата сестра, на концертот во Батаклан.
– Еден 63-годишен Португалец кој живеел во Париз, а работел во транспорт на патници, според португалските власти. Тој загинал додека бил во близина на стадионот Стад де Франс во северниот дел на Париз.
– Двајца романски државјани, според Министерството за надворешни работи во Букурешт.
– Еден британски државјанин, соопшти Министерството за надворешни работи, а исто така, имало и повредени Британци, чиј број не е наведен.
– Две млади Тунижанки, сестри, кои живееле во Париз и едно лице од Сенегал чии родители се населиле во Крозот, а во Париз славел роденден, според неколку извори.
– Една Чилеанка е меѓу жртвите. „Тоа е внуката на нашиот амбасадор Рикардо Нунез“, изјави чилеанскиот сенаторот Изабел Аленде од Социјалистичката партија.
– Двајца Алжирци, жена на 40-годишна возраст и 29-годишно момче, се убиени во нападите според агенцијата АПС која се повикува на алжирски дипломатски извори.
– Една американска 20-годишна студентка од Државниот универзитет во Лонг Бич, Калифорнија. Ноеми Гонзалес допатувала во Париз како дел од универзитетската размена, тврди универзитетот.
Неколку Американци се меѓу повредените, точниот број не е одреден.
– Ние им понудивме секаква можна конзуларна помош, изјави портпарол на американската дипломатија.
– Понатаму двајца Бразилци се повредени, според бразилската претседателка Дилма Русеф, од кои еден останува на болничко лекување.
– Еден Швеѓанец можеби е убиен, а друг повреден, според портпарол на шведската дипломатија.