Глобалната економска и финансиска криза го зголеми бројот на самоубиствата во Европа и Америка, покажува истражувањето објавенo во специјализираното британско списание „Медикал Џурнал“.
Во ова испитување биле вклучени вкупно 54 земји кои беа погодени од глобалната финансиска криза, до која дојде по колапсот на кредитниот и станбениот пазар во САД во 2008 година.
Во годината веднаш по избувнувањето на кризата, бројот на самоубиствата кај мажите се зголемил за 3,3 отсто во глобални рамки. Најмногу самоубиства имало во земјите каде се регистрирани масовни отпуштања од работа.
Во 2009 година, кога беше регистриран раст на нвработеноста од 37 отсто и пад на бруто домашниот производ од три отсто на глобално ниво, забележан е натамошен раст на самоубиствата.
Само во таа година, се регистрирани околу 5.000 самоубиства повеќе од вообичаениот просек. Оваа состојба е забележана во 27 европски земји кои биле надгледувани, како и во американските држави.
Во Европа, пораст на самоубистата има кај младите меѓу 15 и 24 години, додека во Америка забележителен скок на бројот на самоубијци е регистриран кај мажите на возраст меѓу 45 и 64 години.
Пораст на самоубиствата кај жените, како последица на глобалната економска и финансиска криза во Европа не се забележува, додека во Америка тој раст е незначителен, покажува истражувањето.