Рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан им се обратија на медиумите по нивната средба во Кремљ.
Разговорите беа многу значајни, важно е да го продолжиме дијалогот во сегашната ситуација, изјави рускиот претседател Владимир Путин по средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Москва.
„Имавме отворен и корисен дијалог и за билатералната соработка и за регионалната ситуација, вклучително и за ситуацијата во Украина“, рече Путин.
Тој оцени дека со Орбан имал чесна и директна размена на мислења за актуелните глобални прашања и дека со премиерот разговарал за начините кои ќе доведат до мир и решавање на украинската криза.
„Неколку пати кажав дека сме отворени за политика на дипломатско решение (на проблемот). Но, од друга страна, слушаме дека тие не сакаат да ги решаваат проблемите на тој начин, а спонзорите на Украина продолжуваат да користат таа земја и народот против Русија“, рече Путин.
„Гледаме дека во Киев се уште не се подготвени да се откажат од политиката на војна“, додаде рускиот лидер.
„Мислам дека режимот во Киев се откажува од идејата за прекин на конфликтот, затоа што тогаш би исчезнала и воената состојба во земјата, што значи дека тогаш треба да се одржат нови претседателски избори“, објасни понатаму Путин.
Како што рече, шансата актуелниот режим на Киев да победи на следните избори е блиску до нула.
„Русија е за целосен и конечен крај на конфликтот. Условите се изнесени во моето обраќање до Министерството за надворешни работи. Станува збор за целосно повлекување на украинската армија од регионите ДПР, ЛНР, Запорожје и Керсон Има и други услови“, истакна претседателот на Руската Федерација.
„Мислам дека разговорите беа многу корисни за двете страни. Се разбира, премиерот ја претставуваше позицијата на Западот, а кога станува збор за интересите на Украина. Сепак, ние сме му благодарни на премиерот за посетата на Москва, гледаме тоа како обид за обнова на дијалогот“, заклучи рускиот лидер.
Премиерот на Унгарија, од своја страна, истакна дека Европа го направила најголемиот развој во мирни времиња. Сега Европа живее во воена состојба речиси две и пол години, што доведува до одредени тешкотии.
„Гледаме слики на уништување, оваа војна веќе почна да влијае на нашиот економски раст и конкурентност. На Европа и треба мир. Во последните две и пол години сфативме дека нема да постигнеме мир без дипломатија. Мирот нема да дојде самото, потребно е да се работи“, изјави Орбан.
„Сакав да го слушнам ставот на претседателот за три важни прашања: што мисли тој за мировните иницијативи кои засега постојат, што мисли за прекинот на огнот и мировните преговори и редоследот по кој тие треба да се случат, и третото нешто ме интересираше. е како тој гледа на Европа по војната, благодарен сум на претседателот за отворениот разговор“, додаде Орбан.
Тој уште еднаш повтори дека денес Унгарија е една од ретките земји што може да разговара и со Москва и со Киев и тоа, како што објасни, е причината поради која тој денеска е во Москва.
Ставовите на Киев и Москва се многу оддалечени една од друга, заклучи тој. Сепак, како што рече, најважно е што е воспоставен контакт со двете страни, а Будимпешта ќе продолжи да работи на постигнување мир.