Гладот го опустошува јужниот дел на Мадагаскар, каде што децата немаат што да јадат, по сушата и песочните бури што ги уништија посевите, соопшти денеска Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP).
Еден од директорите на ВФП за глобални операции, Амер Дауди, рече дека посетил села каде луѓето биле принудени да јадат скакулци и лисја.
Неисхранетоста скоро двојно се зголеми на 16 проценти од девет проценти во март 2020 година, по петтата последователна година на суша, која годинава е интензивирана од песочни бури и доцни дождови, рече тој.
WFP бара 75 милиони долари за итно покривање на најосновните потреби на населението во изминатите неколку месеци.