Кога стигнав на местото на несреќата, сфатив дека медиумите пренесуваат лоша слика, објаснува Били Сикс
Курир – Белград
Една година по падот на малезискиот авион на летот МХ17 во источна Украина, семејствата на настраданите патници и членови на екипажот се уште се надеваат на одговор кој е виновен за несреќата.
Руската телевизија Раша тудеј ги посети семејствата на жртвите, а нивните сведоштва се објавени во документарец посветен на МХ17.
Роднината на пилотот на срушениот Боинг 777, Ван Арман се уште се бори со последиците од големата траума, а неговата сопруга не била во можност да зборува бидејќи по несреќата ментално се разболела.
– Тој е добар човек, добар брат… Вети дека еден ден ќе ме вози со авион. Сакаше да ме одведе во Европа… Наместо тоа, јас со авионот од Амстердам го донесов неговото тело, вели сестрата на Арман, Лајлатул Мустарах.
Постара сестра на Арман, Ани истакнува дека загинувањето на пилотот најтешко го поднел неговиот син. – Не можеше да прифати, постојано зборуваше дека неговиот татко ќе се врати дома, вели Ани.
– Сепак, нашата Влада молчи… Само сакаме да знаеме што се случи, се надеваме дека некој ќе дојде и ќе ни каже дека црната кутија забележала нешто, додаде Лајлатул.
Меѓу тие кои бараат одговор на прашањето за несреќата во која загинаа 298 луѓе се и инженерите на компанијата „Малезија ерлајнс“.
– Сакаме факти, не пропаганда. Сакаме да знаеме што навистина се случило со МХ17. Нешто не е добро со таа истрага. Локалните медиуми ги следат пишувањата на западните медиуми, вели Азахар Занудин.
Холанѓанецот Макс ван дер Верф истакна дека за една недела престој на местото на несреќата дознал повеќе отколку за една година помината пред компјутер.
– Можете да го проучите целиот свет седејќи, но најдобро можете да видите што се случува ако одите таму каде што треба. Холандија води истрага, но таа е дел од НАТО, а НАТО е против Русија, така што ние не сме независни истражувачи. Истрагата треба да ја водат Обединетите нации, вели Ван дер Верф.
Уште еден независен истражувач, германскиот новинар Били Сикс вели дека го променил мислењето во текот на истрагата.
– Навистина мислев дека приказната за другиот авион е руска пропаганда. Тогаш отидов во Украина, разговарав со сведоци кои тврдат дека виделе воен авион како лета во тој регион. Исто така, велат дека немало траги од БУК ракети. Кога стигнав на местото на несреќата, сфатив дека медиумите пренесуваат лоша слика. Се зборуваше дека авионот е разнесен во круг од 50 километри, но не беше така. Од авионот имаше парчиња на две места, наведѕва Сикс.
МХ17 беше урнат пред една година во источна Украина, над линијата на раздвојување на украинските и проруските сили. Истрагата се уште се води додека Киев и западните држави ја обвинуваат Москва, а Москва вината ја префрлува на украинската војска.