Владата на германската канцеларка Ангела Меркел одобри денеска мерки за заострување на законот за доделување азил, кој предвидува ограничување на можноста бегалците да ги повлечат членовите на семејствата, како и забрзана обработка на барањата за азил на новопристигнатите мигранти, јави ДПА.
Нацрт-законот предвидува создавање на специјални прифатни центри на границата, каде барањата за азил на лицата од земјите, кои се сметаат за безбедни, ќе се обработуваат брзо и кандидатите ќе бидат враќани во нивните родни земји.
Според текстот бегалците, кои не добиваат автоматско право на азил, нема да можат да ги земат семејствата во период од две години, со исклучок на оние, кои може да станат жртви на протерување, доколку се вратат во својата родна земја.