Германската Влада го укина процесот на „експресно“ државјанство, нема да биде така лесно членовите на семејството да дојдат во Германија.
Германската влада сака да го прекине обединувањето на семејствата за одредена група бегалци кои веќе две години се во Германија. Исклучоците би биле можни само од хуманитарни причини, на пример во случаи на сериозни болести.
Во првиот чекор, владата во средата (28 мај) го прифати предложениот законски амандман. За тоа допрва треба да одлучи Бундестагот, германскиот парламент, во кој мнозинство имаат партиите кои ја сочинуваат владејачката коалиција – ЦДУ/ЦСУ и СПД. После тоа, амандманот мора да го потврди и Бундесратот, парламентот на сојузните држави.
Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добриндт (ЦСУ) сака законот да стапи на сила пред летниот одмор во парламентот. По владината седница тој уште еднаш нагласи дека градовите и општините се преоптоварени со прием и интеграција на бегалците. „Прво: нема семејна имиграција, тоа веднаш носи олеснување. Второ: светот може да види дека овој механизам повеќе не функционира кога некој од семејството одлучи да замине – и тоа исто така носи олеснување“.
Забрзаното стекнување државјанство по три години за специјално интегрираните имигранти веќе нема да биде возможно. Одредбата што ја воведе претходната влада (СПД, Зелени и ФДП) ќе биде укината без замена.
Ќе се преформулира Законот за престој. Правните регулативи веќе нема да служат исклучиво за управување со миграцијата. Новата цел ќе биде „управување и ограничување на миграцијата“.
Измените на правото за стекнување државјанство ги засегаат сите што сакаат да аплицираат за такво барање. Во иднина, условот ќе биде најмалку пет години постојан престој во Германија. Дополнително, потребно е добро познавање на германскиот јазик и постојана работа. Во 2024 година, повеќе од 200.000 луѓе добија државјанство во Германија – најмногу во последните 25 години.
Суспендирањето на обединувањето на семејството се однесува на лицата со „супсидијарна заштита“. Станува збор за бегалци кои не ги исполнуваат условите од Женевската конвенција за статусот на бегалците или имаат право на политички азил, но кои се соочуваат со сериозна закана во земјата на потекло – на пример, поради граѓанска војна.
Лицата со супсидијарна заштита имаат помалку права од лицата со статус на бегалци. Ова го пресуди и Европскиот суд за човекови права. Во Германија во моментов живеат околу 388.000 луѓе со овој статус, главно од Сирија, но и од Авганистан и Ирак.
Во Германија, на некои бегалци првпат им беше доделен статус на супсидијарна заштита во 2011 година. Во тоа време, на нивните сопружници и деца не им беше дозволено да доаѓаат. Ова се промени на почетокот на 2015 година. По големиот прилив на бегалци од Сирија во средината на таа година, германската влада повторно го суспендираше обединувањето на семејството.
Од 2018 година, постои квота според која најмногу 1.000 членови на потесното семејство можат да добијат виза за Германија месечно. Според законот, правото на обединување на семејството никогаш не постоело – одобрувањето зависи од дискрецијата на властите. Барањето мора да се поднесе во германската дипломатска мисија. Во 2023 и 2024 година беа издадени приближно 12.000 визи.
ЦДУ и ЦСУ сакаат да постигнат што помалку луѓе доаѓаат во Германија како бегалци. „Отворени сме за легална миграција на нашиот пазар на труд и општество“, рече германскиот министер за внатрешни работи Добриндт во Бундестагот. Но, со таканаречената „Илегална“ или „нередовна“ миграција – односно кога луѓето доаѓаат без контрола – според него, границите на оптоварување веќе се надминати.
Веднаш по преземањето на функцијата, Добриндт воведе зголемени гранични контроли и нареди дури и барателите на азил да можат да се вратат. Сега следуваат нови мерки. „Нашата цел е да ги отстраниме факторите на влечење што ги поттикнаа луѓето да дојдат во Германија“, рече Добриндт по состанокот на владата.
Зелените и левицата се против заострувањето на законот, додека екстремната десница АфД смета дека овие мерки не се доволни.
Пратеничката од Бундестагот на Левата партија, Клара Бунгер, зборува за „почетокот на миграциското ледено доба“. Ова, вели таа, „негативно ќе го промени општеството и ќе го отежне заедничкиот живот на еднаква основа и солидарност“. Таа смета дека „пресвртот во миграциската политика“ е „напуштање на човештвото и човековите права“.
Организацијата Pro Asyl суспензијата на обединувањето на семејството ја нарекува „закон за уништување на семејството“. Тие велат дека тоа е катастрофа за луѓето кои избегале од војна и прогон. Мајките, татковците и децата продолжуваат да живеат во страв и опасност, семејствата остануваат разделени. Се затвораат легалните и безбедни патишта за бегство.
Црквите исто така го отфрлаат суспендирањето на обединувањето на семејството. Ова е „етички крајно сомнително“ и има негативно влијание врз интеграцијата, рече хамбуршкиот надбискуп Стефан Хесе во интервју за весник. Уставот, потсетува тој, го става семејството под посебна заштита.