Германија е земја со највисок рејтинг и со најпозитивни оценки од луѓето ширум светот, покажува годинешново истражување за популарноста и рејтингот на 16 светски држави, плус ЕУ како целина, што традиционално го спроведува Светскиот сервис на Би-Би-Си.
Втора на листата на најдобро оценетите е Канада, за која 59 отсто од анкетираните имаат позитивно мислење, а потоа следуваат Велика Британија, со позитивни оценки од 58, Франција од 50 и Јапонија од 48 отсто од луѓето, учесници во истражувањето на агенцијата ГлоубСкан-Пипа.
Најлошо се оценети Иран, за кога 60 отсто имаат негативно мислење, Северна Кореја со 59 отсто и Пакистан. Виско негативни оценки имаат уште Израел, за кого половина од анкетираните имаат негативно мислење, како и Русија и Кина.
Истражувањето кое, главно, е работено пред руската анексија на Крим, открива дека за една година, Русија го влошила својот имиџ во светот, па сега 45 отсто од луѓето имаат лошо мислење за оваа земја, додека 31 отсто гледаат позитивно на неа.
Експертите на агенцјата ГлоубСкан-Пипа оценуваат дека влошувањето на претставата за Русија во анкетата, се совпаѓа со зимската Олимпијада во Сочи, како и со пуштањето од затвор на поранешниот олигарх Михаил Ходорковски и ослободувањето на женската панк група „Пуси Рајот“. Ова се најлошите оценки за Русија, откако во 2005 година ББЦ почна со ова истражување.
На годинешнава листа, влошена е позицијата и на САД, за кои 42 отсто анкетирани имаат позитивно, а 39 отсто, негативно мислење.
Најголем пад во позитивно оценување за Американците е региструрано во Шпанија, Германија и во Бразил, земјите каде имаше најголемо незадоволство со откритието дека американската безбедносна агенција НСА ја следела комункацијата на луѓето.
Влошена е и сликата што луѓето ја имаат за Европската Унија, како целина и тоа најмногу поради негативните оценки што ги имаат за ЕУ анкетираните во Шпанија, Германија и Франција.Во овие три земји е зголемен процентот на оние кои имаат лошо милсење за Унијата.