Ирачките владини сили денеска влегоа во Тал Афар и зазедоа два кварта од овој северен ирачки град, што се уште е под контрола на групата Исламска држава, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на учесници во операцијата.
Северозападниот кварт Ал Кифа и југоисточниот Ан Нур се целосно ослободени од џихадистите.
Ирачките власти во неделата соопштија за почетокот на операцијата за враќање на контролата врз Тал Афар – град со население од 200.000 лица, на 70 километри западно од Мосул.
Бригадниот генерал Хајдер Фадхил од ирачките специјални единици за американските медиуми изјави дека борците на Исламска држава извршиле напад со ракети, испратиле атентатори самоубијци со автомобили бомби и подметнале бомби крај патиштата во обид да ја запрат офанзивата на владините сили.
-Борбите ќе бидат уште потешки кога армијата и паравоените милиции, кои ја поддржуваат, ќе стигнат до центарот на Тал Афар, до каде им преостануваат уште околу 4,5 километри, предупреди Фадхил.
Тој дополни дека не се забележува цивили да бегаат од реонот.