Американскиот генерал Џозеф Данфорд ја презеде денеска од генералот Џон Ален командата врз Меѓународните безбедносни сили во Авганистан (ИСАФ), додека коалициските сили се подготвуваат за повлекување на голем број војници кои учествуваат во борбените операции до следната година.
Генералот Данфорд веројатно ќе биде последниот командант во најдолгата војна која САД досега ја воделе и неговата задача ќе биде да ги врати војниците дома по повеќе од 11 години, како и да го надгледува пренесувањето на надлежностите во областа на безбедноста на авганистанските сили.
Иако и понатаму трае крвавиот талибански бунт против Владата на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи и силите на НАТО, Ален, кој заминува на местото врховен командант на НАТО во Европа, истакнува дека коалициските сили „се на пат на победата“.
Данфорд ја презеде командата врз ИСАФ на церемонија во седиштето на меѓународните сили во Кабул.