Гардијан – Лондон
Доналд Трамп навикнал да се обраќа на митинзи кон своите тврдокорни поддржувачи. Прес-конференциите му се ретки и контролирани. Затоа отворениот потсмев од страна на другите лидери на Генералното собрание на ОН беше изненадување.
Тој изјави дека е „О-Кеј“ веселата реакција на публиката на неговите тврдења за историските постигнувања, но очигледно не беше така. Се зборува дека Трамп никого не заборава и не им простува на оние кои му се потсмеваат.
Така неговата втора изјава од подиумот на ОН тешко дека ќе заврши добро за, и без тоа, дволичните односи на неговата Влада со Светската организација. Трамп влезе во салата со задоцнување од речиси половина час решен да го фрли на буниште сето она за кое се бори ОН. Претседателот категорично ја отфрли „идеологијата на глобализмот“ и на нејзино место предложи „доктрина на патриотизмот“.
И покрај тоа што повеќето лидери своето време на подиумот го користат да избројат колку спогодби постигнале, колку протоколи потпишале и колку договори склучиле, Трамп со нескриена страст му кажа на светот колку документи скинал.
Главниот автор на неговите зборови, како што се тврди е Стивен Милер кој сега ја игра улогата на основен мост меѓу Белата куќа и крајната десница. Тоа е јасно. Говорот на Трамп беше манифест на наративот.
Секоја останата претензија за алтруизам отпадна од визијата за надворешната политика на САД и на нејзино место се појави силна сенка на незадоволство и самосожалување.
Трамп истакна дека САД се земјата која дава најмногу помош во светот „но малкумина ни даваат нешто на нас“.
– Во иднина ќе даваме помош само на оние кои не почитуваат и кои ни се пријатели, предупреди тој.
Трамп наведе список со пријатели и тоа беше необичен избор кој ги изразуваше неговите лични односи со странските лидери во моментот, наместо да вклучува долгогодишни американски сојузници.
Ким Џонг-ун, најголемиот диктатор во светот имаше чест да биде спомнат прв – уште една порција од наградата за спектакуларниот театар кој тој помогна да се одигра на самитот на двајцата лидери во Сингапур во јуни.
Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, кои ја освоија благонаклоноста на Трамп и неговото семејство уште пред да стапи на должност, исто така беа пофалени за нивниот придонес во фондовите за помош на Јемен. Ни збор не беше кажан за нивната улога во бомбардирањето на јеменските градови и ситуацијата со човекови права во овие две земји.
Единствениот европски сојузник кој заслужи пофалби беше Полска, чиј претседател Анджеј Дуда месецов го посети Трамп во Белата куќа и го опсипа со ласкави зборови, па дури предложи и идната американска воена база во Полска да се вика „Форт Трамп“.
Најголем злосторник, според зборовите на Трамп, е Иран и неговата Влада, кои тој ги опиша како главен архитект на сириската војна. Но, дури и за Техеран претседателот остави мала врата за да се искупи и пред говорот во ОН на Твитер напиша дека е убеден оти иранскиот претседател Хасан Рохани всушност е „прекрасен човек“.
Јасната порака беше дека ако Рохани сака да го следи патот кој што го прифати Ким, да се сретне и да му одаде чест на Трамп, Иран може да излезе од изолацијата која американската Влада се обидува повторно да ја воведе.
Тој пристап покажува неразбирање на големите разлики меѓу Северна Кореја и Иран – многу понемонолитен систем со вистински демократски елементи каде Рохани дури и не е највлијателната фигура.
И покрај тоа, говорот на Трамп немаше за цел да биде логичен или суштински. Неговиот говор беше повик чија цел да ја допре публиката на емотивно ниво. „Доктрината на патриотизмот“ е емотитивно величење на националниот шовинизам. Тој ја претстави националната држава како единственото нешто каде „некогаш живеела слободата, демократијата постоела, а мирот цветал“. Само националистичка страст поттикнала „научни откритија и прекрасни уметнички дела“.
Останатите лидери можеби се насмеаја, но зборовите на Трамп беа насочени кон друга публика: неговите лојални приврзаници кои го мразат ОН и сето она чие олицетворение е организацијата. Тие се исто така толку решени, колку и нивниот херој, да ги отстранат насмевките од лицата на „глобалистичкиот“ непријател.