Лидерот на израелската опозиција Бени Ганц денеска, две недели пред изборите, изјави дека ќе формира влада без премиерот Бенјамин Нетанјаху и без поддршка од коалицијата “Заедничка листа”, составена претежно од арапски партии.
Ганц најави дека ќе формира влада со еврејските и демократските партии, вклучително и ултранационалистичката партија на Авигдор Либерман или со владејачката партија “Ликуд”, но само ако партијата се откаже од долгогодишниот лидер Нетанјаху, кој се соочува со обвиненија за корупција.
“Ликуд” со Биби (Нетанјаху) не може да формира влада, а без Биби постои единство”, наведе Ганц.
Изборите во Изреал се закажани на 2 март.
Според анкетите партијата “Сино и бело” на Ганц има поголема поддршка од “Ликуд” на Нетанјаху, но најверојатно ниту една од овие две партии нема да освојат парламентарно мнозинство неопходно за формирање на коалициска влада.
Лидерот на” Заедничка листа”, Ајман Одех претходно изјави дека “Ганц” нема да може да формира владејачка коалиција без “Листата”.
Изборите на 2 март се трети за помалку од една година. Во април и во септември минатата година се одржаа парламентарни избори но, тие завршија без победник и без нова влада.
По септемвриските избори ниту премиерот на Израел Нетанјаху, ниту неговиот главен ривал “Ганц” го немаа неопходно мнозинство од најмалку 61 од вкупно 120 пратеници во Кнесетот.
Главните ривалски партии не успеаја да се договорат и за влада на национално единство поради што се организираа нови избори.