Французите се можеби песимисти за нивната иднина, но тие се речиси едногласни, 92 отсто од испитаниците изјавиле дека се „задоволни“ што живеат во нивната земја, јави дописникот на МИА од Париз.
Ова е резултатот од испитувањето на јавнотот мислење спроведено од институот Ипсос и објавено во викенд изданието на париски „Ле Монд“.
Од Французите на возраст од 15-34 години, 86 проценти од граѓаните изјавиле дека се задоволни што живеат во Франција, додека кај лицата без диплома тоа го изјавиле 80 отсто. Од симпатизерите на крајно десниот Национален Фронт тоа го изјавиле 79 отсто. Од друга страна 89 проценти од испитаните изјавиле дека водат сметка за иднината на Франција и речиси две третини сметаат дека нивната земја „игра значајна улога во светот“.
Од друга страна само 53 отсто од анкетираните би им препорачале на пријатели странци да дојдат да живеат во Франција. Педесет и девет проценти од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат „пријатно во француското општетство такво каково што е“, додека 42 отсто го изјавиле спротивното. Повеќе од половината од народните класи (службеници и работници) и лица без диплома велат дека не се чувствуваат пријатно во вакво француско општество, а кај крајно десниот Национален Фронт таа бројка достигнува 66 отсто.
Во период кога се зборува дека најбогатите Французи заминуваат од Франција поради високите даноци, во контекст на аферата „Депардје“, само 24 проценти од граѓаните изјавиле дека веќе размислувале сериозно да ја напуштат Франција. Стапката на тие кои размислувале да ја напуштат Франција се зголемува кај младите под 35 години, каде достигнува 39 отсто – 33 проценти кај работниците, наспроти 25 отсто кај кадрите и дури 51 процент кај муслиманите.
За евентуалното напуштање на Франција испитаниците во прв план ги ставиле нивните психолошки мотивации – 57 отсто поради расположението на духот на Французите, но пред се поради економски причини, 51 отсто поради професионални причини, 36 отсто поради куповната моќ, 27 проценти поради невработеноста, а само три отсто изјавиле дека размислуваат да ја напуштат Франција поради даночни причини.
Тоа се совпаѓа со застапеноста на високите лични приходи кај француското население, пишува во студијата објавена во весникот „Ле Монд“.