Францускиот печат денеска објавува дека претседателот на државата Франсоа Оланд е „фатен во стапица“ по пресвртот на американскиот колега Барак Обама кој најави свикување на Конгресот за прашањето за воена интервенција врз Сирија.
Според весниците во Франција, Оланд останува осамен на својот став за тој судир.
Како и Обама, и Оланд е фатен во виорот на неконтролираните случувања, наведува во уводникот либералниот Фигаро, и додава дека Оланд е „фатен во стапица на внатрешниот фронт и многу изолиран во надворешниот фронт“.
Коментаторот на Републикен оценува дека со откажувањето на Британците и повлекувањето на САД, францускиот претседател сега е во „улога на величествен рогоносец“.
Либерасион објавува: „Оланд е на мака да ја оправда војната“ и прашува дали денес Оланд е можеби единствениот „шеф на држава кој може да употреби сила без согласност од националните претставници, дури и без еден говор?“.
Весникот Кроа прашува дали стапицата „затворила очи на западните сили кои избрзаа и најавија желба да го казнат Дамаск кој наводно употребил хемиско оружје“.
Весникот Иманите прашува како може одредувањето за војна или мир може да биде одлука на само еден човек во 21 век и оценува дека е неодржив ставот на Оланд кој е „решен да донесе одлука против мнозинството Французи и да ги заобиколи одобрувањата од националните претставници“.
Економскиот Еко наведува дека извршната власт сака да го спаси угледот и не отстапува од своите намери и одбива да бара гласање во парламентот.
Оланд поддржува воена интервенција против сирискиот режим како одговор за наводната употреба на хемиско оружје во напад во предградие на Дамаск на 21 август во кој загинаа стотици луѓе.
Според Уставот на Франција не е потребна одлука за воена интервенција од парламентот, за неа може да одлучи претседателот ако воената интервенција на француската армија не трае подолго од четири месеци. Францускиот парламент се очекува в среда да расправа за тоа прашање, но засега не е предвидено гласање за учество во воена операција.