Францускиот претседател Франсоа Оланд, предлага специјален африкански самит за исламистичката милитантна група Боко Харам.
Во Баку за време на својата посета на Азербејџан, претседателот Оланд соопшти дека за тоа веќе телефонски разговарал со нигерскиот претседател Гудлак Џонатан.
Иницијативата на официјален Париз доаѓа по минатомесечното киднапирање на преку 200 ученички во Нигерија, од страна на припадници на оваа група, која е дел од терористичката мрежа на Ал Каеда. Нигерските власти тврдат дека трагаат по киднпаираните ученички и најавуваат дека ќе направат се што треба за да се вратат сите тинејџерки, но се стравува дека поголемиот број од нив се префлени во околните земји и продадени како „сексуални робинки“.
Претседателот Оланд предлага Париз да биде домаќин на самитот и верува дека една ваква меѓународна безбедносна конференција би можела да се подготви во текот на оваа недела и да се одржи идниот викенд. На самитот би учествувале соседните земји на Нигерија, како Камерун, Нигер и Чад, а во неговата работа би се вклучиле и САД и ЕУ.
Вашингтон и Лондон претходно соопштија дека се дистанцираат од можноста за испраќање свои војници во една меѓународна операција против припадниците на Боко Харам, слична на онаа на француските сили во Мали, против северноафриканските џихадисти.
Групата Боко Харам е создадена во 2002 година, првично како организација која се спротивставува на западното образование. Првите воени операции групата ги изведе во 2009 година и досега предизвика смрт на повеќе илајди луѓе, најголемиот број од нив, во североисточните делови на Нигерија. Во 2013 година,САД ја прогласија Боко Харам за терористичка група.