Неколку десетици лица се степале во Сен Дени (Сена-Сен Дени), во понеделникот вечерта околу 21 часот, објави денеска весникот Ле Фигаро, повикувајќи се на полициски извори. Тепачката се случила до трамвајската станица Сен Дени, лоцирана на линијата Т8, додека семејствата го чекале својот трамвај, јави дописникот на МИА.
Според информациите на Фигаро, во пресметката биле вклучени педесетина лица. Некои извори тврдат дека станува збор за пресметка на банди, „очигледно меѓу Египќаните и Алжирците“, без тоа да биде официјално потврдено.
Протагонистите се бореле со железни шипки и „долги стапови“, а некои дури биле и вооружени со штици со клинци. На социјалните мрежи се објавени слики на кои може да се види движења на толпата и напаѓачи кои ги бркаат своите противници.
Со оглед на овие сцени на паника, била распоредена полициска екипа за да се стави крај на тепачката. Еден од напаѓачите, со штица на која биле закачени клинци, е уапсен откако удрил во грбот на маж. При апсењето, поединецот се побунил и удрил полицаец.
Засега нема други апсења, но во тек е истрага за откривање на сторителите.
Извор: МИА