Во Ватерло во Белгија денеска започна четиридневното одбележување на 200-годишнината од битката во која беше поразен Наполеон Бонапарта, но на официјалната прослава не присуствуваат високи државни претставници на Франција, јави дописникот на МИА од Париз.
На 18 јуни 1815 година, Наполеон и неговата голема империјална армија биле поразени кај Ватерло од страна на европската коалиција во која се наоѓале Англија, Белгија, Холандија, Австрија и Русија.
Двеста години подоцна, во Ватерло се одржува официјална свеченост во присуство на кралските семејства, принцот Чарлс и Камила од Обединетото Кралство, кралската двојка на Холандија, кралот и кралицата на Белгија и големиот војвода на Луксембург, сите оние кои беа на победниклата страна.
Иако поминаа двеста години од поразот на Наполеон, по неговото повторно враќање на власт, ниту еден член на француската Влада не ја прифати поканата да се најде на прославата во Белгија. Франција ќе биде присутна само на ниво на својот амбасадор во Белгија.
Околу 5.000 статисти, 360 коњаници, 100 топови и 2,500 килограми барут ќе бидат искористени за најголемата реконституција на битката, која ќе ја следат околу 200.000 гледачи. Овај настан, според проценките, ќе чини 10 милини евра.
Но, иако француските политичари нема да се појават во Ватерло, „ѕвездата“ на прославата е еден Французин, кој ја игра улогата на Наполеон. Станува збор, како што јави Француското радио, за Франк Самсон, по професија адвокат, но кој веќе десет години во историските реконституции ја игра улогата на Наполеон Бонапарта.