Рибари од Филипини пронашле 3,65 метри долго беспилотно летало во близина на островот Масбате и го довлечкале до брегот. Станува збор најверојатно за едно од америчките беспилотни летала што армијата на САД се повеќе ги користи во борбата против тероризмот.
Хериберто Олитоквит, шеф на локалната полиција, рече дека рибарите првично помислиле дека наишле на неексплодирана бомба и ја предупредиле полицијата.
– Со техничка проценка е утврдено дека се работи за беспилотно летало – наведе Олитоквит, додавајќи дека леталото е предадено на Филипинската морнарица.
Капетанот Ромел Галанг, заменик-командант на филипинските поморски сили во таа област, изјави дека американската амбасада е информирана за откритието и дека локалните власти ќе и го предадат леталото.
Амбасадата на САД во Манила се огласи со соопштение во кое ниту ги потврди ниту ги негираше наводите дека станува збор за американско летало.