Германската полиција денеска употреби солзавец и палки за да ги растера околу 7.000 демонстранти кои втор ден протестираат во центарот на Франкфурт поради низата строги мерки за штедење кои се воведени во европските земји.
Денешниот протест во финансиската престоплнина на Германија почна мирно, а судирот, во кој се повредени неколку демонстранти и полицајци, се случил откако неколку маскирани демонстранти почнале да фрлаат камења и димни бомби врз полицајците.
Демонстрантите во Франкфурт вчера, на првиот ден од протестот блокираа поединечни финансиски институции и спречија пристап до зградата на Европската централна банка и до седиштето на „Дојче банк“.
Демонстрациите во Германија се поклопуваат со 15-годишнината од постоењето на Европската централна банка (ЕЦБ), а слични демонстрации за денеска се најавени во Шпанија и во Португалија.
– Очигледно сакаме да кажеме дека политиката на ЕЦБ и на тројката не е решение, изјави Роланд Сис, портпарол на антикапиталистичкото движење „Блокјупај“ (Blockupy), кое ги организира демонстрациите во Германија.
Тројката меѓународни кредитори, Меѓународниот монетарен фонд, Европската унија и ЕЦБ им наметнаа строги услови на земјите, како што се Грција и Португалија во замена за пружање финансиска помош.
Демонстрантите тврдат дека поради строгите мерки за штедење неправедно страдаат сиромашните, бидеји поединечни влади беа принудени да укинат работни места и да ги зголемат даноците.
Во Лисабон демонстрантите одржаа протестен марш до претставништвото на ММФ, а се очекуваат протести уште во 17 португалски градови.
Во Мадрид е планиран протестен марш до Мадридската берза и Централната банка.