Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ планира да инвестира 3,4 милијарди евра во модернизација на возилата и во својата компанија во Бразил.
Планираната инвестиција е дел од стратегијата на „Фолксваген“ со која компанијата очекува до 2018 година да стане најголем производител на автомобили во светот.
– Бразил е важен дел од стратегијата за развој на компанијата до 2018 година, изјави извршниот директор на „Фолксваген“ Мартин Винтеркорн.
Инвестицискиот план на компанијата во Бразил за периодот до 2016 година опфаќа трошоци од 126 милиони евра за проширување на производството на автомобилски компоненти, што ќе овозможи дневното производство на автомобилски мотори да се зголеми на 4.800, од сегашните 3.800 мотори.
Најголемиот европски производител на возила ги зголемува своите активности во Бразил со цел да го ублажи ударот од намалената побарувачка во Европа.
Според податоците од истражувањето на компанијата „ИХС Отомотив“, падот на побарувачката на возила во Европа може да биде најголем во изминатите 19 години. Истовремено во Латинска Америка се предвидува раст од 8,6 проценти, на 3,28 милиони возила во 2012 година.
Годинава во Бразил се во сила даночни олеснувања за купувачите на автомобили, што ја зголемува побарувачката. Сепак, веќе од идната година, кога мерките ќе престанат, можно е намалување на побарувачката на возила, изјави шефот на „Фолксваген“ во Бразил Томас Шмол.
Германскиот производител очекува голем потенцијал на раст на пазарот на автомобили во Бразил, поради фактот дека околу 40 проценти од населението во земјата не поседува автомобил.