Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, кој постојано ја критикуваше војната на Русија во Украина и постапките на Израел во Појасот Газа, се соочува со противење од Москва и Тел Авив за нов четиригодишен мандат пред гласањето кое би можело да биде спорно утре, соопштија денес дипломатски извори.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предложи Турк да остане на функцијата до октомври 2030 година, откако неговиот прв четиригодишен мандат ќе истече во октомври оваа година, објави Ројтерс. Сепак, според документ што го виде агенцијата, Русија поднесе контрапредлог за продолжување на неговиот мандат за нешто повеќе од два месеци, до крајот на 2026 година. Три дипломатски извори изјавија дека Израел, исто така, се спротивставил на нов четиригодишен мандат, додека САД изразиле резерви, што би можело да го стави назначувањето, за кое првично се очекуваше да биде со консензус, на гласање.
Некои земји веруваат дека одлуката за нов целосен мандат треба да ја донесе наследникот на Гутереш, чиј мандат како шеф на ОН завршува во декември.
Портпаролот на канцеларијата на Турк, Тамин ел-Хитан, одби да коментира за неговото повторно назначување, велејќи само дека високиот комесар „е подготвен да продолжи да служи“.
Позицијата висок комесар на ОН за човекови права е воспоставена во 1993 година и игра клучна улога во истакнувањето на злоупотребите на човековите права низ целиот свет.
За време на неговиот мандат, Турк ја обвини Русија за сериозни кршења на човековите права и меѓународното хуманитарно право во Украина, обвинение што Москва го негира.
Тој, исто така, повика на истрага за смртта на мигрантите во притвор во САД и ги критикуваше конфликтите меѓу САД и Иран. Кога станува збор за Газа, Турк го осуди, како што изјави, „масовното убивање“ на Палестинците, додека некои критичари веруваат дека требало да го изрази ставот дека ова е геноцид, што Израел силно го негира.
Според дипломатски извори, Турк има силна поддршка од европски и бројни латиноамерикански земји.
Меморандумот на Африканската унија, до кој Ројтерс имаше пристап, наведува дека нема забелешки за неговото повторно назначување за четиригодишен мандат.
Портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, изјави дека Гутереш дејствувал во согласност со правилата на организацијата и дека „високо ја цени работата што ја извршил Фолкер Турк за време на неговиот мандат како висок комесар за човекови права“.
