Високи функционери на филипинското Министерство за одбрана и нивни колеги од САД денеска на прес-конференција во Манила, побараа од Кина да се воздржува од, според нив, илегалните аспирации кон територијата на спорното Јужно Кинеско Море.
Изјавата е дадена на завршувањето на билатералниот состанок за заедничка воена стратегија на Филипините и САД, петти по ред по минатогодишното потпишување на новиот договор за воена соработка меѓу двете држави.
Филипините чекаат споорот за сувереноста да го решава Меѓународниот суд на ОН за поморски права. Од Њујорк, речиси една година откако Манила поднесе тужба, се уште нема реакции во врска со спорот.
Во меѓувреме, тужба за нарушување на суверенитетот над неговиот дел од Јужното Кинеско Море поднесе и Виетнам.
Официјален Пекинг соопшти дека не признава мешање на Обединетите Нации во спорот и дека единствено со билатерални преговори може да се решаваат спорните територијални барања.