Британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд престојува во еднодневна, ненајавена посета на Либија, во мисија за поддршка на новата либиска влада на национално единство, формирана со посредништво на ОН.
Во Триполи, Хамонд се сретна и разговараше со назначениот премиер Фајеш Серај.
Пред британскиот шеф на дипломатијата, во либискиот главен град, во иста ваква мисија престојуваа и министрите за надворешни работи на Франција и Германија.
Од 2014 година, Либија која сите изминати години по падот на Моамер Гадафи, во пролета 2011 година, се наоѓа во хаос, има и две спротивставени влади, едната во Триполи, а другата во Тобрук.
Формирањето на новата влада на единството е уште еден обид за да се воспостави мир и да се обнови редот во земјата, во која нема централна власт и обезбедени граници, од насилното соборување на Гадафи.
Во соопштението на Форин Офисот се вели дека во текот на разговорите, министерот Хамонд ги известил своите домаќини дека владата во Лондон одобрила помош од десет милиони фунти за новата либиска влада.
Во рамките на помошта се предвидени средства за борба против илегалните мигранти и шверцот на луѓе и организиран криминал, како и за борба со тероризмот.
По соборувањето на власта на Гадафи, Либија се претвори во „рајско место„ за џихадистичките од Исламска држава, терористите од Ал Каеда, како и на разнидруги исламистички милитантни групи.