Една членка на контроверзната асоцијација „Фемен“ попладнево со голи гради на олтарот од катедралата во Стразбур, протестираше против политичкиот карактер на посетата на папата Франциско на европските институции, јави дописникот на МИА од Стразбур.
„Папата не е политичар“, беше напишано на англиски на грбот на жената, која на своите гради имаше напишано „Европа анти-лаичка“. Жената, со традиционална украинска фризура и со европско знаме во рацете, една минута стоела пред олтарот во катедралата, а потоа мирно исчезнала во толпата од посетитетли, без притоа да биде запрена.
Папата Франциско утре доаѓа во неколкучасовна посета на европските иснтитуции со седиште во Стразбур – Европскиот парламент и Советот на Европа.
Како што се дознава, папата кој доаѓа во Јужна Америка, ќе побара од земјите од „стариот континент“, да останат и натаму отворени за странците и ќе се заложи за правда во светот. Папата треба да одржи два говора, во Европскиот парламент и Советот на Европа, а според последните сознанија од програмата, не е предвидено да ја посети катедралата која го одбележува илјадолетието од почетокот на нејзината изградба.