Поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност и поранешна италијанска министерка за надворешни работи – Федерика Могерини изјави дека го разјасни својот став во врска со истрагата за корупција во Брисел, во која беше обвинета за измама.
Таа е обвинета за незаконски дејствија за време на вработувањето во Колеџот на Европа, каде што ја извршуваше функцијата ректор.
„Кога станува збор за процесот на основање на Дипломатската академија на ЕУ, ја разјаснив мојата позиција со истражителите кои дејствуваат во име на Европското јавно обвинителство“, изјави Могерини за агенцијата ANSA.
Таа додаде дека Дипломатската академија на ЕУ „во својата долга традиција отсекогаш применувала и ќе продолжи да ги применува највисоките стандарди за интегритет и праведност“.
„Имам целосна доверба во судскиот систем и сум убедена дека исправноста на постапките на Колеџот ќе биде проверена. Секако, ќе продолжам целосно да соработувам со властите“, рече таа.
Могерини и поранешниот генерален секретар на Европската служба за надворешни работи, Стефано Санино, се обвинети за злоупотреба на средствата на ЕУ, објави претходно Канцеларијата на европскиот јавен обвинител.
