Се движиме во погрешна насока, изјави водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи и изрази загриженост бидејќи „САД непотребно се најдоа во ситуација кога бројот на нови случаи на заразени со Ковид-19 се зголемува поради невакцинираните Американци и ширење на многу заразниот Делта сој“.
Фаучи потврди дека владините службеници „активно ја разгледуваат“ препораката вакцинираните лица да носат заштитни маски и лицата со намален имунитет да бидат повторно вакцинирани.
Главниот медицински советник на претседателот Џо Бајден потврди за Си-Ен-Ен дека учествувал во разговори за промена на упатствата за заштитни маски и нагласи дека некои локални самоуправи во кои се зголемува стапката на инфекција, како што е Лос Анџелес, веќе апелираат до граѓаните да носат маски во затворени јавни простори, без оглед на тоа дали се вакцинирани.
Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, повеќе од 163 милиони Американци, или 49 проценти од вкупната популација на САД, се целосно вакцинирани.
– Оваа ситуација (со зголемување на бројот на новозаразени) главно се одразува на невакцинираните, па затоа бараме тие да дојдат и да се вакцинираат, рече Фаучи.