Привремениот лидер на антиевропската и антимигрантска Партија на независноста на Обединетото кралство (УКИП) Најџел Фараж изјави дека доколку Британија не излезе од ЕУ, до 2019 годин, тој ќе покрене во јавноста нова кампања за Брегзит.
Во своето обраќање по одлуката на лондонскиот Виш суд , според која владата нема овластување да го покрене двегодишниот процес за напуштање на ЕУ, без согласност и гласање на британскиот Парламент, Фараж предупреди дека земјата се соочува со „јавен гнев“.
Тој вели дека сопирањето на Брегзит и блокирањето на процесот за напуштање на ЕУ, ќе предизвика „незапаметен гнев и отпор“ во британската јавност.
– Тие кои го сопираат процесот и политичарите кои ги поддржуваат немаат поим колкав гнев ќе се предизвика, доколку се провоцира одлагање на Брегзит, или доколку не се испочитува референдумот, предупреди Фараж.
Тој и неговата партија ја покренаа кампањата за напуштање на ЕУ, низ антиевропските говори и обвинувајќи ги државјаните од Унијата, а пред се оние од Источна Европа, за сите проблеми во британското општество.
Целата негова кампања беше исполнета со говор на омразата, од која мораа да се дистанцираат и десничарите во владејачката Конзервативна партија, но која беше осудена во делови од домашната и европската јавност.
Фараж кој е европратеник, но не може да добие поддршка за да биде избран за пратеник во Парламентот во Лондон, се повлече од УКИП по референдумот од 23 јуни.
Одлуката ја објасни со тоа дека ја извршил својата мисија и помогнал Британија да излезе од ЕУ, но сега одново раководи со УКИП, како привреме лидер, додека партијата која се соочува со длабока внатрешна криза, не избере нов човек на челната позиција.
Избраната наследничка на Фараж, Дијана Џејмс поднесе оставка само 18 денови по својот избор, додека нејзиниот потенцијален наследник на лидерската функција, заврши во болница, откако беше натепан од свој партиски колега, во зградата на Европскиот Парламент во Стразбур.
Раководството на партијата, во свое соопштение го обвини Вишиот суд дека со пресудата, ја „поткопува демократијата“.