Австриската Влада денеска ја повика Германија да го поддржи затворањето на балканската маршрута за бегалци, јави Танјуг.
– Ја повикуваме германската канцеларка Ангела Меркел јасно да се изјасни, порача австрискиот канцелар Вернер Фајман по седницата на Владата.
Вицеканцеларот Рајнхолд Митерленер подвлече дека балканската маршрута мора да остане затворена.
Фајман од Германија очекува јасно да каже дека никој не може да бира каде ќе бара азил, бидејќи во спротивно и натаму ќе постои силен притисок врз балканската маршрута и пренасочувањето кон алтернативните маршрути. Тој укажа дека се подготвуваат контроли на границата кон Италија, на Бренер.
-На бегалците, како што кажа, мора да им биде јасно дека мораат да прифатат и други понуди, укажувајќи на недоволната подготвеност на бегалците да ги прифатат понудите за релокација во Франција или Португалија.
Митерленер нагласи дека Германија има клучна улога и дека сега треба да се подготви решение за бегалската криза, бидејќи солуцијата нема да биде можен во лето кога ќе дојде до голема навалица.
Фајман, на заедничка прес-конференција, подвлече дека Австрија не сака повторно да ризикува и да стане чекалница на Германија.
Од Советот на ЕУ, кон крајот на оваа недела, тој очекува поддршка за завршување на политиката на пропуштање на бегалците.