Европското „био“ лого за органска храна не може да се применува на халал месото, одлучи Европскиот суд на правдата.
Судот оцени дека начинот на колење на месото во производството на халал исхраната не ги почитува „највисоките стандарди за благосостојба на животните“.
Предметот пред Судот го поднесе француска организација за заштита на животните во 2017 година, а крајната пресуда треба да ја донесе француски Суд во наредните месеци, откако побара став од Европскиот суд на правдата.
Судот во Луксембург во одговорот до францускиот Суд оцени дека европското законодавство за органско етикетирање има за цел да обезбеди благосостојба за животните и дека, според научни истражувања, начинот на кој се колат животните во процесот на производството на халал месото „не овозможува да се намали на минимум страдањето на животното“.
Поради тоа, ЕУ логото за биолошка храна не може да се примени на месото кое произлегува од религиозното колење на животни, смета Судот.