Европската полиција (Европол) проценува дека досега на фронтовите во Сирија и Ирак заминале околу 5.000 државјани на земјите-членки на ЕУ, кои се борат на страната на џихадистичката група Исламска држава (ИД).
Илјадници други им се приклучиле на припадниците на оваа милитантна исламистичка сунитска група од државите во арапскиот свет и од муслиманските земји.
Според проценките на Европол, „доброволците“ од европскиот континент главно се регрутирани од 13 држави, во и надвор од ЕУ.
Најмногу има од Франција, околу 1.400 џихадисти, а потоа следуваат Велика Британија и Германија со по 600 доброволци кои заминале на Блискиот Исток. По околу 200 борци има од Белгија, Шведска и Холандија, додека од Косово и од Данска се верува дека има по над 150 луѓе. Се проценува дека по стотина џихадисти има од Шпанија и од Финска, а на дното на оваа листа на 13-те земји кои имаат дадено најмногу џихадисти од Европа, се Ирска, Норвешка и Швајцарија.
Проценката е направена врз основа на податоците со кои располагаат министерствата за внатрешни работи и за правда на овие земји, како и спроред проценките на воените и безбедносните институти во Европа.
Европол има направено и ранг листа,со која се определува бројот на заминатите џихадисти на милион жители во овие држави. На вака направената листа, далеку најмногу има од Косово, од каде заминале 66 џихадисти на еден милион население. На второ место е Белгија со 40 на милион Белгијанци, па Шведска со 31, Франција со 21 и Данска со 19 заминати на милион жители.
Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) смета дека во Сирија и Ирак сега има околу 31.000 припадници на ИД.
Оваа милитантна група заговара екстремистичка верзија на сунитскиот ислам, сурово пресметувајќи се со шиитите,за кои се вели дека се „еретици“, со Јазидите и христијаните, како и со сите други немуслимански етнички и верски заедници.
Групата Исламска држава е создадена во 2013 година, откако се отцепи од Ал Каеда во Ирак, но групата стана позната војувајќи во Сирија на страната на бунтовниците подржани од западните земји, кои се борат за соборување од власт претседателот Башар ал Асад.
Податоците за бројот на џихадистите кои заминале од Европа, доаѓа пред денешното започнување на конференцијата на 21 земја од антиџихадистичката коалиција во Лондон, на која главната тема е како да се запре регрутирањето џихадисти,од европскиот, но и од другите континенти.