Пратениците во Европскиот парламент, после две години дебати, утре ќе гласаат за закон што може да го промени односот на сили меѓу производителите на вести, филмови, музика и доминантните интернет платформи кои нивни содржини ставаат на свои веб сајтови, а за тоа не плаќаат никаков надомест.
Иницијативата е поднесена во 2016 година со цел да се ажурира законот за авторски права во време на Фејсбук и на Гугл.
Иницијативата за промени во законот за авторски права е потпишана од директори на 18 европски новински агенции со цел Фејсбук и Гугл да се обврзат дел од приходите да им ги платат на новинските агенции чија содржина сега бесплатно ја користат.
Со приближувањето на датумот за гласање, како што наведува „Гардијан“ парламентарците се „бомбардирани“ со милиони мејлови и телефонски повици. Некои од нив, како француската пратеничка во ЕП, Врижини Розиер, добиле и закани со смрт.
Шефовите на новинските агенции од Европа во иницијативата наведоа дека станува збор за тоа да се запре „кражбата на содржини од информативни медиуми и нивните приходи од огласувачи зад која стојат интернет гиганти, закана и за потрошувачите и за деморкатијата“. Таквата состојба според нив, ги уништува независните медиуми. Фејсбук и Гугл користат огромна количина вести и прилози од печатени медиуми и агенции и со тие содржини привлекуваат се поголем број огласувачи. Според предложените измени, тие ќе мора да одвојат еден дел од приходите за авторите на содржините.
Критичарите на иницијативата тврдат дека измените во законот ќе го уништат интернетот. Имајќи предвид дека амандманите се составуваат и преправаат до последен момент, крајниот исход од гласањето е неизвесен.