Зголемувањето на бројот на мигранти и слабото економско заздравување во Европа ќе ја намали политичката поддршка на Шенгенскиот договор, кој веројатно ќе биде изменет со цел на земјите потписнички да им се овозможи заострување на граничните контроли, оценува истражувачкиот центар Стратфор.
ЕУ, како што укажува Стратфор, се соочува со два проблема кои меѓусебно се преклопуваат: првиот е воспоставување нова миграциска политика со измени на прописите, што нема да биде лесен потег, а вториот е што всушност да се направи со Шенгенскиот договор.
Меѓутоа, Унијата нема брзо да го напушти Шенгенскиот договор, имајќи предвид дека и покрај критиките, тој го скрати времето и трошоците за транспорт на стока ширум Европа, а е корисен и за туристите, но и за владите кои повеќе не треба да плаќаат гранични патроли.
– Шенгенскиот договор веројатно ќе биде реформиран до крајот на деценијата, со цел на земјите потписнички да им се овозможи повторно воведување на граничната контрола, се оценува во текстот на Стратфор.
Во следните години, на новите земји-членки на ЕУ ќе им биде многу тешко да влезат во Шенген зоната.