Лидери и граѓани ширум Европа со манифестации и комеморации ќе одбележат 70 години од победата над фашизмот и крајот на Втората светска војна.
Русија ја слави победата со церемонија и воена парада која утре ќе биде одржана во Москва. Во меѓувреме Полска одржува церемонија што е алтернатива на московската.
Европските лидери предупредуваат на нови современи закани што постојат денес како што се војната во Украина и исламскиот екстремизам.
Во Париз булеварот Шанзелизе е затворен за сообраќај поради официјална поворка и воена парада што ќе бидат одржани.
Претседателот на Франција, Франсоа Оланд изјави пред церемонијата дека победата не била доминација на една нација на друга, туку тоа била победа за идеали над тоталитарната идеологија.
Американскиот државен секретар, Џон Кери и амбасадорот на САД во Франција му се приклучија на француската дипломатија Лоран Фабиус и положија венци на Гробот на незнајниот војник во знак на признание за улогата на САД во ослободувањето на Франција од германската окупација.
Кери изрази поддршка на својата држава за Европа соочена со нови закани упатувајќи пофалби за нејзиното лидерство во борбата против исламска држава.
Церемонии беа одржани и во Полска, каде на претседтелот Бронислав Коморовски му се придружи генералниот секретар на ОН Бан Ки – Мун, како и претседателите на Украина и неколку држави од Централна Европа на локации каде Германците ги испукале првите куршуми против Полска во почетокот на војната на 1 септември 1939 година.
Германија го одбележи крајот на војната со заедничка седница на Парламентот на која претседателот на Парламентот Норберт Ламерт изјави: „Денес се сеќаваме на милиони жртви на невидената кампања за уништување други народи во Европа“.
Велика Британија денеска со 2-минутно молчење ќе го одбележи моментот кога премиерот од времето на војната Винстон Черчил го одржал својот историски говор најавувајќи крај на конфликтот.