Европскиот оператор Арианеспас, најави денес дека започнувајќи од 2015 година ќе бидат лансирани 15 нови сателити со цел да се забрза развивањето на мрежата Галилео, која треба да и дозволи на Европа да има свој сопствен систем за навигација, конкурент на американскиот ГПС, јавува дописникот на МИА од Париз.
Дванаесет нови сателити Галилео ќе бидат лансирани со ракетата Ариана5, најави Арианеспас по потпишувањето на договорот со Европската вселенска агенција.
Тие дванаесет сателити се дел од „соѕвездието“ на 22 сателита од програмата, конструирани од германската група ОХБ Систем во соработка со британската Суреј Сателит Технолоџи Лтд, тие ќе бидат во циркуларна орбита од 23,522 километри.
Дел од сателитите ќе биде лансиран и од ракетата Сојуз која лансира два сателита при лансирање, додека Ариан 5ЕС во вселената носи 4 сателити при лансирање. Користењето на Ариан 5ЕС може да го забрза развивањето на сите сателити потребни за функционирањето на системот Галилео.
Таа најава од Арианеспас доаѓа само неколку часа пред да бидат лансирани два нови сателита Галилео од Француска Гвијана, што е важна етапа од европскиот проект. Станува збор за сателитите Галилео Сат-5 и Галилео Сат-6 кои ќе бидат ланисирани од Француска Гвијана, но со руската ракета Сојуз, која има своја инфраструктура на француската територија.