Денешните најнови резултати од истражувањето на „Стандард Евробарометар“, прв откако новата Европска комисија на чело со Жан-Клод Јункер влезе во канцелариите во Брисел, покажува дека повеќе граѓани имаат позитивен слика за Европската унија и повеќе и веруваат.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ова истражување покажува и дека постои значителна поддршка од јавноста за клучните области на политиката, дадени во политичките насоки на новата Еврокомисија.
Бројот на Европејци кои велат дека имаат позитивна слика за Унијата е зголемен од 35 проценти во јуни на 39 отсто минатиот месец. Сепак, дури 37 отсто имаат неутрална, а 22 проценти негативна слика за ЕУ, што е намалување од 25-те отсто во јуни. Згора на тоа, бројот на Европејци кои велат дека тие и веруваат на Европската унија, исто така, се искачи на 37 проценти, што е за шест процентни поени повеќе во споредба со претходната анкета која беше направена веднаш по изборите за Европскиот парламент.
Просечното ниво на доверба во националните влади, исто така, малку се зголеми за два процентни поени и сега изнесува 29 отсто. Но, бројот на луѓето кои велат дека нивниот глас се брои во ЕУ е намален за два процентни поени и изнесува 40 отсто, со што постигна врв во последните години.
Во однос на економијата, очекувањата на Европејците остануваат релативно стабилни, со тоа што повеќе од еден од петмина (22 отсто) се оптимисти за следните дванаесет месеци, додека 45 проценти очекуваат состојбата да остане иста. Ова значи дека повеќе од шест од десет Европејци сметаат дека економската ситуација нема да се влоши.
Бројот на Европејци кои мислат дека влијанието на кризата врз работните места веќе достигна свој врв (44 отсто) е нешто помалу од оние кои мислат дека „најлошото допрва треба да дојде“ (46 проценти). Исто така, позитивниот став кон еврото е стабилен (56 отсто во ЕУ, 67 проценти во Еврозоната). Поддршка за единствена валута се зголемила во 18 земји-членки на Унијата, при што највпечатливо е во Литванија (63 отсто), земја што ќе се приклучи на еврозоната на 1 јануари 2015 година, како и во Летонија (74 проценти), која, пак, е земја што на почетокот на оваа година го прифати еврото како сопствена валута.
Во однос на главните грижи на граѓаните, имиграцијата продолжува да расте во рангирањето на најчесто цитираните прашања на национално и на ниво на ЕУ. Со 24 проценти сега е на четврта најчесто цитирана точка на ниво на ЕУ и со 18 отсто е трета најчесто цитирана точка на национално ниво. Во Малта, Велика Британија и Германија, граѓаните дури и ја посочуваат како број еден загриженост.
Анкетата на Евробарометар, исто така, покажува силна поддршка од граѓаните на приоритетните теми поставени од страна на Комисијата на Јункер. Во однос на инвестициите, во рамки на ЕУ над 60 отсто од Европејците се согласуваат јавните пари да се користат за да се стимулираат вложувања во приватниот сектор на ниво на Унијата.
Во однос на енергијата, 73 проценти од Европејците одобруваат заедничка енергетска политика меѓу земјите-членки на ЕУ. А, повеќето Европејци сметаат дека единствениот пазар за слободно движење на луѓе, стоки и услуги во рамките на ЕУ, е едно од најпозитивните достигнувања (52 проценти). За прашањето на миграцијата, 71 отсто од Европејците велат дека е корисна заедничката европска политика за миграција и повеќето Европејци (52 проценти) имаат позитивен став кон доселувањето на луѓе од други земји-членки на ЕУ.
На крајот од истражувањето, се покажува дека граѓаните остануваат оптимисти за иднината на ЕУ. Дури 56 отсто од Европејците, без промена од претходното мерење, велат дека се оптимисти, додека 37 проценти велат дека се песимисти.