Жителите во Лондон се во паника откако британската полиција наредила итна евакуација на сите кои стануваат на подрачјето во близина на стадионот „Вембли“.
Стотина куќи се испразнети за жителите да не бидат загрозени додека војската безбедно не ја демонтира неексплодираната бомба, која е од Втората светска војна.
Експлозивната направа е тешка 50 килограми и ја откриле градежните работници кои извршувале работи во близина на стадионот „Вембли“.
Според првичните наводи на полицијата, се претпоставува дека бомбата е фрлена за време на германската агресија врз Велика Британија за време на Втората светска војна.
Портпаролот на британската војска наведува дека бомбата е во „потенцијално опасна состојба“ и дека контролираното активирање би можело да претставува опасност по животот на луѓето и дека би можело да биде нанесена штета по имотот.
Евакуираното население е префрлено во колективно сместување, каде што ќе биде згрижено додека бомбата не се демонтира во целост.
Извор: Мета