Албанските хакери ја нападнаа интернет-страницата на мисијата на Европската унија во Косово поради објавувањето на одлуката на судиите од ЕУЛЕКС од Окружниот суд во Приштина за одредување на притвор од 30 дена за поранешниот командант на ОВК, Фатмир Лимај и тројца негови соборци, а хакерите објавија и текст за нивно ослободување.
Одговорноста за синоќешниот напад ја презеде групата „Вајлдклик“ (WildClique) и „Косова хакерс секјурити“ (Kosova Hackers Security).
Во пораката поставена на интернет-страница на ЕУЛЕКС и се бара слобода за Лимај и за тројцата негови соборци осомничени за злосторствата во Клечка во 1999 година.
– Ако тука сте да ни помогнете и заштитите, тогаш ве молиме така и однесувајте се. До денеска од вашето доаѓање ниту еден ден не беше за доброто на нашата држава. Досега само не делевте и правевте да се чувствуваме лошо. Досега се трудевте да ја доведете под знак прашалник правичната борба на Ослободителната војска на Косово. Ако Лимај и сите борци за слобода не бидат ослободени ќе бидеме принудени да ги објавиме сите ваши валкани договори. Ќе го објавиме секоја службена електронска пошта што ја разменивте со Србија и секој податок за секој разузнавач на ЕУЛЕКС. ЕУЛЕКС знае за што пишуваме, се наведува во текстот на хакерите, поставен на интернет-страницата на ЕУЛЕКС.
Во Врховниот суд на Косово вчера беа сослушани Лимај и неговите соборци Насер Красничи, Неџми Красничи и Насер Шаља.