ЕУ воведе санкции за иранската морална полиција и министерот за информации

Од:

Европската унија денеска воведе санкции за моралната полиција во Иран и министерот за информации на таа теократска исламска земја за нивното учество во насилната пресметка со учесниците на масовните антивладини протести кои траат со недели поради смртта на 22-годишната Маша Амини по приведувањето поради неправилно носење шамија.

Меѓу 11-те санкционирани се и двајцата главни раководители на иранската полиција за морал, Мохамад Ростами и Хаџахмад Мирзеи. Нивните средства се замрзнати во сите земји од Европската унија, а исто така им е забрането да патуваат таму.

Казнените мерки се насочени кон претставниците на безбедносните сили и локалните полициски шефови, „поради нивната улога во бруталното задушување на протестите“, се вели во соопштението од Брисел, откако мерките беа усвоени од министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот во Луксембург.

Министерот за информации Иса Зарепур е на списокот казнети поради неговата наводна одговорност за нарушување на функционирањето на интернетот за време на протестите.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека ЕУ „не може и нема да замижува“ пред насилството врз демонстрантите во Иран.

„Исто така е јасно дека овој режим ако продолжи да го тепа своето население на овој начин ќе има нови пакети санкции насочени кон одговорните“, рече Бербок.

Во соопштението, ЕУ ја осудува „широката и неселективна употреба на сила против мирните демонстранти“ и оценува дека таквото однесување е „неоправдано и неприфатливо“.

„Народот на Иран, како и секаде на друго место, има право да протестира мирно и тоа право мора да биде обезбедено во сите околности“, се вели во соопштението.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Ајатолахот Али Хамнеи е во кома и неговата здравствена состојба е исклучително сериозна

Аракчи најави можност за почеток на преговори меѓу Иран и Европа

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Во Иран се планираат клиники за убедување на жените кои одбиваат да носат хиџаб

А1он