ЕУ Самит: Земјите членки ќе одлучуваат за одложување на Брегзит

Од:

Шефовите на држави и влади на Европската Унија денеска се состануваат на редовниот пролетен самит во Брисел, а главна тема на разговори ќе биде британското барање за одложување на датумот за Брегзит, јави дописничката на МИА од Брисел.

Иако повеќето земји членки во принцип се согласни за вакво одложување, се очекува денеска на Британците да им бидат поставени условите за ова барање.

Премиерката Тереза Меј вчера испрати писмо до претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, во кое побара одложување до 30 јуни, во обид до тогаш да најде компромис дома за договорот за повлекување од ЕУ, компромис кои британските парламентарци веќе двапати со големо мнозинство го одбија.

Туск вчера во куса изјава за медиумите посочи дека ЕУ е подготвена да прифати „кусо одложување“, само под услов британскиот Парламент да го прифати договорот на Меј со ЕУ. Членките на Унијата исто така ставија на знаење дека одложувањето не би требало да оди подалеку од 23 мај, денот кога почнуваат изборите за Европскиот Парламент, на кои во принцип не може да учествува Обединетото Кралство, бидејќи нивните европратенички седишта се веќе прераспоредени за другите 27 земји.

Лондон и другите европски престолнини ќе разговараат за рокот на одложување. Нејасно е, од правна гледна точка, дали останувањето во ЕУ до 30 јуни ќе значи дека Британците ќе треба да учествуваат во изборите. Во тој случај, се очекува ЕУ да инсистира Британија да си замине до 23 мај.

Околу ова прашање постојат значајни разлики меѓу пристапот на Советот и на Европската Комисија. Додека Советот, односно земјите членки, сметаат дека Велика Британија би можела да остане во ЕУ до конституирањето на новиот Европски Парламент на втори јули, Европската Комисија, пак, предупредува дека одложување на Брегзит по 23 мај може да го загрози правниот интегритет на европските институции. Како што објаснуваат дипломатите во ЕУ, веќе од први јули, Европскиот Парламент би можел да стане предмет на прекршочна процедура од страна на било кој граѓанин на ЕУ пред Европскиот Суд за правда поради ненапуштање на Обединетото Кралство пред изборите.

Повеќе земји членки исто така ќе побараат од Меј да го оправда нејзиното барање за одложување. Како што посочи шефот на европскиот преговарачки тим, Мишел Барние, пред два дена, прашањето е зошто да се одложи Брегзит за неколку месеци ако ставот на британскиот Парламент останува ист, со што само би се продолжиле непродуктивните преговори меѓу двете страни.

Разговорите за Брегзит несомнено повторно ќе ги монополизираат дебатите меѓу земјите членки на ЕУ, и покрај набиената агенда. Друга важна тема на разговор денеска ќе биде новата стратегија на ЕУ кон Кина, во која првпат ЕУ го квалификуваше азискиот гигант како „стратешки ривал“.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он