Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска го олеснија ембаргото за увоз на сириска нафта со цел да им помогне на бунтовниците кои се борат против режимот на претседателот Башар ал Асад.
Според договорот, европските компании што сакаат да увезуваат нафта од Сирија или да инвестират во енергетскиот сектор, ќе бараат овластувања од своите влади кои ќе се консултираат со сирискиот опозициски Национален совет.
– Со цел да се помогне на сириското цивилно население, земјите-членки може да дозволат купување, увоз или транспорт на нафта и нафтени деривати од Сирија, но само по консултација со сириската опозиција, се наведува во соопштението на ЕУ.
Одлуката за олеснување на нафтеното ембарго на ЕУ ќе овозможи компаниите од европските земји не само да увезуваат сириска нафта, туку и да извезуваат технологија за преработка на нафта и да инвестираат пари во областите под контрола на опозицијата.