Договорот од Женева, склучен меѓу Русија, Украина, САД и ЕУ ги обврзува и украинските власти да расчистат со илегално вооружените лица и да ги отсранат барикадите во Киев, порача денеска во Брисел портпаролот на Европската служба за надворешни работи, Мајкл Ман.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Ман нагласи дека договорот превдидива и отстранување на барикадите на киевскиот плоштадот „Мајдан“, а не само разоружување на паравоените групи и повлекување на блокадите во источниот дел на Украина.
– Ние ги повикуваме сите страни да го почитуваат договорот од мината недела во Женева. Стоиме зад Украина во неговата имплементација и бараме сите страни да покажат вера во договорот и целосно да го имплементираат. Според договорот, сите страни мора да се воздржат од акции на насилство, мора сите нелегално вооружени лица да се разоружаат, а зградите и јавните површини да бидат ослободени, што значи и плоштадот „Мајдан“, потенцираше Ман.
Според портпаролот на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Кетрин Ештон, договорот од Женева ги обврзува и Русите и Украинците и неговото непочитување ќе значи санкции за едната или другата страна.