Атина очекува Анкара повторно да го постави прашањето за муслиманското малцинство во грчка Тракија на средбата меѓу грчкиот и турскиот премиер Андонис Самарас и Реџеп Таип Ердоган, објави грчкиот весник „Етнос“.
Предвидено е Самарас и Ердоган да се сретнат на петти март во Истанбул во рамките на Советот за стратешка соработка меѓу двете земји.
– Грција не е склона да го разгледува малцинското прашање, пишува „Етнос“.
Според турските медиуми прашањето за грчка Тракија било поставено за време на посетата на гермаснкиот канцелар Ангела Меркел на Турција, односно на средбата на која присуствувале и претставници на немуслимански религиозни малцинства.
На средбата откако Вселенскиот патријарх побарал отворање на богословска школа на островот Халки, Ердоагн како услов го навел дека Грција „треба да прифати муфтиите во грчка Тракија да бидат избирани“, а не именувани, како и да биде надминат проблемот со изградба на џамија во Атина. Ердоган изјавил дека ако тоа биде решено „тогаш може да се преземе ризикот и да се отвори богословска школа на Халки“.