Етиопија прогласи вонредна состојба по седмицата антивладини протести, во кои дојде до жртви и разурнувања во земјата, особено во државата Оромија, јави ДПА.
Во телевизиското обраќање утринава, етиопскиот премиер Хајлемариам Десален изјави дека е прогласена вонредна состојба, бидејќи се нанесени огромни материјални штети во земјата.
– Безбедноста на граѓаните ни е на прво место. Покрај тоа, сакаме да ставиме крај на оштетувањата на инфраструктурни проекти, образовни институции, здравствени центри, администрација и судови, рече тој.
Десален истакна дека вонредната состојба нема да ги наруши основите човекови права гарантирани со етиопскиот Устав, а исто така нема да влијае на дипломатските права, согласно Виенската конвенција.
На многу места во Етиопија интернет е запрен, информираат локални жители. Владата го блокира интернетот повеќе од една недела, со цел да ги спречи протестите организирани преку социјалните мрежи, пренесува БТА.
Етиопската држава Оромија е во центарот на индустрискиот развој и го поттикнува економскиот развој на земјата, но локалните жители се незадоволни дека нивните земји им се одземаат за да се градат фабрики и станбени блокови. Регионот е населен од најголемата етничка група Оромо, и во оваа област е и Адис Абеба.
Во последните месеци често се организираат протести. Планот за проширување на Адис Абеба е напуштен, но се уште има незадоволство меѓу членовите на Оромо, кои се чувствуваат исклучени од политичкото и економско управување.
При последниот бран на немири загинаа над 50 лица во турканиците, предизвикани од обидите на полицијата да ги растера демонстрантите на фестивал во близина на главниот град пред една недела.
Антивладините протести продолжуваат и денеска, забележуваат агенциите. Многу патишта кон и од престолнината се блокирани од демонстрантите.
Весникот „Форчн” цитира официјален претставник , според кого, вонредната состојба ќе остане во сила шест месеци. Етиопската телевизија соопшти дека детали ќе бидат дадени во следните часови.