Ерменија е подготвена да воспостави дипломатски односи и да ја отвори границата со Турција, изајви ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу минатата недела изјави дека имал „продуктивни и конструктивни“ разговори со неговиот ерменски колега.
Средбата Чавушоглу и Мирзојан е прва средба на министрите за надворешни работи на двете земји од 2009 година. Тогаш во Цирих беше потпишан „историски договор за помирување“ со кој официјално требаше да се воспостават дипломатски и билатерални односи меѓу двете земји, но тие договори никогаш не беа ратификувани.
„Генерално, го цениме процесот на нормализација на односите. Ерменија е подготвена да воспостави дипломатски односи со Турција и да ги отвори границите. Мило ми беше што слушнав од мојот турски колега дека и Анкара има политичка волја да го спроведе овој процес. Верувам дека сега кога настаните ширум светот се движат многу брзо, не треба да го одложуваме преземањето конкретни чекори“, рече Мирзојан во интервју за агенцијата Анадолија.
Една од најголемите точки на расправија меѓу двете земји е прашањето за масовната депортација и смртта на повеќе од еден милион Ерменци помеѓу 1915 и 1917 година во тогашната Отоманска империја, што Ереван го смета за геноцид.
Тензиите се разгореа особено за време на војната во Нагорно-Карабах во 2020 година. Турција тогаш ги обвини силите на етничките Ерменци дека окупирале земја што му припаѓа на Азербејџан.
Извор: МИА