Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во своето прво интервју по неуспешниот воен удар кое го даде за СНН не сакаше да демантира дека неговата земја планира да воведе смртна казна за да се обрачуна со неколкуте илјади уапсени кои се теретат за учество во пучот. Според последните информации приведени се над 9000 луѓе.
-Овде јасно имаме злосторство, рече Ердоган.
Но секако, парламентот ќе мора за тоа да донесе одлука во смисла на уставни измени, партиските лидери ќе се
состанат и ќе расправаат за тој предлог, и ако помине, јас како претседател ќе го ставам потписот на одлуката на парламентот, рече Ердоган.
Судејќи според одговорите кои ги даде Ердоган, тој не се противи воопшто на воведувањето на смртната казна.
-А зошто да ги држам сите во затвор и уште згора на тоа да им давам храна? Тоа народот ми го зборува, вели Ердоган.
-Народот сака што побрзо да завршиме со овие луѓе бидејќи им се убиени роднини, соседи, деца. Тие патат, многу се чувствителни, затоа и ние мораме да дејствуваме разумно и со емоции, рече Ердоган.
Тој не пропушти во интервјуто да го спомене муслиманскиот проповедник Фетула Ѓулен и најави дека за неколку дена на САД ќе им испрати официјално барање за неговото испорачување во Турција. Според него, тој е организатор на пучот.
На прашањето на новинарката што ќе направи доколку САД го одбијат неговото барање, Ердоган се повика на Спогодбата за испорачување која е потпишана помеѓу САД и Турција.